Не простувам, не заборавам, се дел од ставовите изнесени на социјалните медиуми по повод Прочка.
Празникот се разбира не го гледам како некаква „обврска“ за простување“ туку како убав повод да се зборува за уметноста на простувањето и придобивките од тоа.
Никој не може некого да принуди да простува некому за нешто што го повредило. Никој ништо не МОРА во животот.
Ако мислиме дека некој не принудува да направиме нешто, без наша воља и контрола (како овој христијански обичај на пример), тогаш контролата ја гледаме некаде надвор, а не во нас. Тоа не нè прави слободни, автономни.
Лична одлука е дали и како ќе се поставиме и однесуваме кон тие што не повредиле.
Но уметноста на простувањето е важна тема. Простувањето е всушност простување на нашата и туѓа несовршеност. Како човечка, природна. Прифаќање и на околностите кои многу често отстапуваат од нашите очекувања.
Личниот раст е да извлечеме лекции од тие ситуации што биле болни или разочарувачки за нас. Ако не ги сакаме повеќе во нашиот живот луѓето што не повредиле тоа е сосема во ред. Ние сме „газди“ на нашето делување и одлуки. Проблем е ако мислиме дека нешто со гневот и лутината ќе исправаме.
Емоциите се наши, не се туѓи. Секој човек е различно сензибилизиран и на уникатен начин реагира на ситуациите и однесувањето на другите.
Ние сме сопственици на тие емоции и единствено самите може да се справиме со сопствениот гнев.
Простувањето е да си простиме што сме поверувале, што сме сакале, што сме биле изневерени, што сме имале очекувања.
Постапките на другите нема да ги исправиме со лутина. Тоа однесување што нè повредило не е во нашиот домен на делување. Тоа е на другиот. Наши се нашите емоции. Кои можат да се одличен навигатор на нашето однесување, а можат да се деструктивни по нашето здравје. Зависи каков избор ќе направиме.
Секој од нас бил во некоја ситуација повреден, изневерен, изигран. Наша е одлуката што ќе научиме од тоа искуство. Се уште не измислен шприц да може во нечие срце да се вбризгаат емоции какви што ги посакуваме од другиот. Или однесување какво што го очекуваме.
Не можеме да нарачаме почит, љубов или посветеност. Многу често во животот нашите очекувања нема да се реализираат.
Можеме само да ја прифатиме и да се поставиме кон таа реалност.
Ако некој згрешил но сака да е дел од нашиот живот, ако го сакаме, да ја простиме несовршеноста. Ако некој нè повредил и не нè сака во неговиот живот, да си простиме што сме верувале и очекувале поинаку.
Да сме грижливи и љубезни кон самите себе. Никој не може да ни’ е подобар пријател од самите себе. И никој не може подобро да се грижи за нас и нашето здравје и спокој, од самите нас.
Затоа простувањето е за сопствен, не за туѓиот спокој.
Јас денеска си простував себе си. Си ја гушнав мојата наивна верба како дел од сопствената несовршеност.
Aвтор: Ида Протуѓер – новинар