Поседувањето на психотропни супстанци е казниво дело, поради што три момчиња и еден средновечен маж вчера завршиле во притвор по извршен претрес од полициски службеници на ОВР Гевгелија.
Во петокот, на 22.03.2024 во 19:40 часот во Богданци, полициски службеници од ОВР Гевгелија ги лишиле од слобода С.М.(19) од Богданци, А.С.(23) од село Црничани, дојранско, М.М.(46) од Богданци и В.Д.(19) од Богданци затоа што при преглед кај нив, кај С.М. била пронајдена и одземена марихуана.
Кој купувал, кој продавал, или сите четворица биле уживатели на пронајдената марихуана не се наведува во дневниот полициски билтен што го објавува МВР.
За настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија и по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Инаку, психоактивните (психотропни) супстанци се супстанции кои даваат промени во функцијата на мозокот како што се поведението, сознанието, свеста… При употребата на канабисот пикот на ефектите се постигнува 10-30 минути, а перзистирањето на симптомите трае од 2 до 12 часа, (податоци од Медицинскиот факултет Скопје).
Кривичниот закон на РСМ за поседување, уживање, препродавање, формирање мрежа на препродавачи на опојни дроги и психотропни супстанци, за сторителите предвидува казна затвор од три месеци до 10 години.