Вчера во Градскиот парк во Скопје се одржаа традиционалните 25-ти по ред маратонски и полумаратонски трки „Шри Чинмој“ (Шри Чинмој трка на мирот на единство-домот) на кои учество зедоа над 302 атлетичари, меѓу нив и петорица од АК „7ми Ноември“ Гевгелија.
Подиум освои само Валентина Узунова, ВТОРО место во категорија жени 55+.
Таа трасата за полумаратон во должина од 21,1 километар ја истрча со време од 2 часа 16 минути и 06 секунди. Инаку во севкупниот пласман меѓу женските атлетичарки Валентина го има 30-то место. Но, нели и годините се важни за напорот кој вложува оваа 57 годишна неуморна атлетичарка од Југот, па во својата возрасна категорија е неприкосновен освојувач на подиуми.
Искачувајќи се на подиумот Валентина го развеа знамето со логото на болните од Пулмонална хипертензија за чија поддршка и видливост на нивните здравствени проблеми и потреби таа ги посветува сите свои спортски настапи.
На полумаратонот учество зедоа 171 атлетичари, од кои 43 жени.
На маратон 31 тркачи од нив 5 жени.
Спортскиот настан е од меѓународен карактер и на истиот учествуваа и атлетичари од други држави: имаше натпреварувачи од Романија, Србија, Бугарија, Грција.
На полумаратонската трка „Шри Чинмој“ учество зедоа уште четворица гевгелиски атлетичари под знамето на АК „7 Ноември“. Еве ги по редослед на нивниот пласман:
1. Благојче Темелковски – 1:52:11 (65-то место во категорија полумаратон мажи)
2. Драган Ристов – со време 1:55:45 (69-то место, полумаратон мажи)
3. Кристијан Зумровски – време 1:57:53 (75 место, полумаратон мажи)
4. Борче Крстовски Илијоски 2:14:23 (108-мо место, полумаратон мажи)
Патеката беше кружна со должина од 1.735 m и се трчаат 12 круга (за полумаратон) и 24 круга (маратон).
Драган Ристов за своето ново спортско достигнување на социјалните мрежи напиша:
– „Не се натпреварувам со остатокот од светот. Се натпреварувам само со себе бидејќи мојот напредок е моја вистинска победа. – Шри Чинмој. Трет завршен полумаратон овој месец, денес на 25-тото издание на Шри Чинмој маратонот“
Сите учесници на маратонот во Скопје од организаторот „Шри Чинмој маратон тим“ добија ранец со логото и името на настанот, стартен број со чип за мерење на време, маица, медал за учество на трката, хартиена диплома, пехари за победниците (прво, второ и трето место) и дигитални фотографии.
Гевгелиските атлетичари се вратија дома со ЕДЕН освоен ПЕХАР, ПЕТ МЕДАЛИ и ПЕТ ДИПЛОМИ.
Честитки!