Општинската организација на СДСМ Гевгелија денеска објави реакција за злоупотреба на децата, ученици од гевгелиските основни училишта за политички пропагандни цели на локалната власт од ДПМНЕ обвинувајќи дека „Сарамандов нарача детска публика за пречек на својот лидер Мицковски“.
Поводот беше денешната посета на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Гевгелија кој заедно со градоначалникот направил увид на градежните активности во Општината. Во реакцијата се вели:
– „Деца од шест до осум години со знаменца за заштита на природата беа денеска нарачаната публика за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицковски кој присуствуваше на настан организиран во новиот парк во Гевгелија.
Изморени на сонцето учениците од прво, второ и трето одделение не мрднаа од плочките и не ја изуживаа прошетката на која ги однесоа нивните наставници во замена за часовите кои не ги одржаа денеска. Пеш од училиштето до паркот, час и половина стоење во место на сонце, повторно пеш до училиштето назад, само за да биде полн со публика и шарен фото албумот на Мицковски и Сарамандов. Таков беше денеска училишниот ден на прво, второ и трето одделенците од двете гевгелиски основни училишта.
Родителите реагираат зошто нивните деца денеска биле злоупотребени да бидат публика на ненајавен политички настан – доаѓањето на Христијан Мицковски во Гевгелија.
Мицковски за своето гостување во Гевгелија вели дека бил на увид на градежните работи што ги изведува Општината. Сарамандов пак вели дека ова било свечено отварање на градскиот парк во областа Караорман.
Зошто на лидерот на ДПМНЕ му треба детска публика за увид во градежните работи на паркот? Дали тој учествувал макар со еден денар во изградбата на паркот па да прави увид каде се трошат парите? Секако НЕ! Кое одделение е Мицковски па да си нарачува соодветна возрасна публика за пречек?“ – посочуваат во својата денешна реакција од СДСМ Гевгелија.
Понатаму од гевгелиската ОО на СДСМ додаваат:
– „Срамно и бедно однесување на ДПМНЕ со злоупотреба на деца во политички пропагандни цели.
Децата не’ ви се играчка! Ако и по нив посегнувате не ценејќи ја нивната кревкост, како ли ќе ги лажете и понижувате гласачите за да ја добиете нивната доверба, нивниот глас, нивната лажна иднина со стари препишани проекти!“ – се вели во денешната реакција на ОО СДСМ Гевгелија.
Денешниот настан со детската публика кој се одржа во новоизградениот градски парк во Гевгелија не беше најавен од страна на локалната самоуправа, ниту денешната прошетка на децата-ученици надвор од училиштето не беше најавена од страна на училиштата.
Законот за правата на децата забранува злоупотреба на децата заради политичко или верско организирање и дејствување.