Фудбалерите на ФК „Кожуф“ генерација 2012 обезбедија учество на реномираниот меѓународен „Чин Чин Куп“ на Златибор во Србија.
Нашите 12 годишни фудбалски надежи ги предводи нивниот тренер Трајче Ников, кој со нив работи веќе седум години и ги води по патот на фудбалскиот напредок во одмерување на вештините и со деца од други земји.
На фудбалскиот куп на Златибор ќе учествуваат и многу познати екипи од Балканот: овде ќе настапат екипи од Србија, Романија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, а македонски претставик ќе биде и ФК „Кожуф“ од Гевгелија со нашиот подмладок генерација 2012.
Тимовите кои ќе настапат се звучни фудбалски имиња кои зад себе имаат завидна фудбалска историја, како: ФА „Сараево“, „Зрински“, ФК „Широки брег“, ФК „Слобода“-Тузла, „Будуќност“ -Бановиќи, НК „Челик“ ОФК „Београд“, „Младост“-Илиџа, ХСК „Мостар“, ФК „Партизан“, ФК „Црвена ѕвезда“, ФК „Динамо“- Нови Сад, ФК „Инџија“, ФК „Хајдук“, ФК „Морнар“- Бар, „ЦСКА“ – Софија, ХНК „Шибеник“, „Динамо“ -Загреб, „Торнадо“-Будва, „Арена“-Подгорица и многу други.
Турнирот ќе се одржи од 18 до 24 април на Златибор. Истиот годинава се одржува по 14 пат. На 14-от Меѓународен фудбалски турнир за деца од 6 до 12 години „Чин-чин куп“ во Златибор, Србија, годинава се очекуваат преку 140 екипи од Балканот и Европа.
Минатата година генерациите гевгелиски фудбалери 2012 учествуваа на меѓународниот„Далматико Куп“ во Сплит и пред силната конкуренција не потклекна, претставувајќи се во вистинско спортско светло и умешност, достигнувајќи меѓу првите 10 екипи на турнирот.
Дванаесетгодишниот подмладок на гевгелиски ФК „Кожуф“ под тренерски надзор на Трајче Ников се две години по ред Државен првак во Детската фудбалска лига на Македонија и ги краси еден куриозитет – цели две години немаат претрпено ниту еден пораз од дуелите на кои настапуваат.
– „Оваа година екипата составена од генерација 2011/12 е на добар пат и по трет пат да се избори за местото Државен првак на Детската лига на Македонија. Затоа, не запираме со настапите, ќе учествуваме на повеќе турнири во текот на годината и ќе покажеме дека Гевгелија и ФК „Кожуф“ имаат свој капацитет и блескава иднина со сите дечиња во својата школа“ – изјави за GevgelijaNet Трајче Ников, тренер и активен спортски работник.
Дека децата се во вистински раце на спортска обука, во изучувањето на фудбалот и финесите на теренот, зборува и спортското портфолио на Трајче Ников – Тој е спортски работник, поранешен репрезентативен фудбалски голман на Македонија за селекциите U 17, U 19, и U 21 член, се’ уште активен на ФК „Кожуф“ каде работи последователно 9 години. Претходно има настапувано во дресот на „Беласица“, „Силекс“, „Пелистер“, „Металург“- Скопје, „Работнички“ Скопје, „Шкендија“ Тетово и на крај повторно во „Кожуф“ каде настапува девет години по ред . Во школата на млади фудбалери е вклучен од 2017 година од кога почна да работи со децата на возраст од 5 и 6 години и еве ги сега истите, како 12 годишни фудбалски надежи, настапуваат на меѓународни КУП натпревари каде ги одмеруваат силите со клубови од други земји со богата фудбалска историја.
Годинава, учесници на „CHIN CHIN CUP ZLATIBOR 2o24 SERBIA“ се екипи од 12 европски земји: Романија, Македонија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, БиХ, Полска, Бугарија, Унгарија, Молдавија, Русија и земјата домаќин Србија.
Организаторот уште пред еден месец го потврди приемот за учество на екипата на ФК „Кожуф“ од Гевгелија на Купот во Златибор.
Да им посакаме успешен настап на нашите млади фудбалери во Србија
Среќно и лесни нозе на теренот!