Шесткратен првак на Македонија во мотокрос (евиденција до 2013), носител на награди на меѓународни мото натпревари, член на Мото Клуб „Вардар“, параглајдерист, кајакар и неуморен трагач по спортските возбуди, гевгеличанецот Мирче Ќорнаков почина на денешен дена, 10 април во 2018 година.
Пред да го напушти овоземниот свет ја имаше најубавата глетка над Гевгелија и гевгелиската низина спуштајќи се од висините на Кожуф со параглајдер, а атерирајќи некаде кај Серменин на новото слетиште пред црквата „Св. Илија“. И покрај силниот ветер тој ден Мирче го реализираше летот и спустот перфектно, велат од неговиот тим. Но, потоа ненадејно му се слоши и набргу почина. Имаше само 47 години.
Поле широко колку неговата душа, голема, неизмерна, со срце полно адреналинска возбуда, така го заврши животот овде, а продолжи да лета во неизмерното синило на местото каде добрите души се’ уште битисуваат.
Мирче беше адреналински трагач, но длабоко во својата душа ја имаше смирената уметничка нота. Беше основач и сопственик на фирмата за дизајн „Декоратива“, беше гитарист, член на групата „Скитници“ од Гевгелија, беше друштвен, тивок во животот, а експлозивно умешен и забележителен во своите настапи.
Како сопруг и татко остана незаборавен за семејството, како шесткратен државен првак на Македонија во мотокрос остана инспираcија за новите моторџии од Гевгелија и Македонија, како уметник остави насока за нови дизајнерски определби на млади бизнисмени од Гевгелија, како човек остави многу пријатели кои ќе го спомнуваат и паметат.
Вечна ти слава и незаборав Мирче!
Сега имаш неизмерно небо на кое можеш да леташ и поставуваш нови рекорди, а ние ќе се сеќаваме на тебе СЕ’ НАЈДОБРО!