Кандидатот за претседател на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски вечерва имаше свое претставување пред граѓаните на Гевгелија.
Во ведра атмосфера топло и срдечно пречекан од гевгеличани, актуелниот претседател и кандидат за втор мандат се осврна на политиките и достигнувањата на Македонија на меѓународен и домашен план за време на неговиот претседателски мандат.
– „Станавме членка на НАТО и како такви заедно со уште 31 членка рамноправно седиме и одлучуваме на иста маса со најголемите политички сили во светот. На ред е влезот во Европската Унија, пат по кој Македонија се определи уште при првиот парламентарен состав на државата и првата Влада на Македонија уште во 1991 година, На тој пат, на таа магистрала не сме скршнале, одиме право, тоа е патот на нашата иднина“ – истакна Пендаровски.
Тој посочи дека политиката која ја води СДСМ е пат на просперитет, наместо рециклираниот режим кој го нудат од другата страна, спомнувајќи дека првите луѓе околу Мицковски сега, беа првите луѓе на Груевски за време на режимот во Македонија. И порача, граѓаните да не го дозволат тоа назадување на 24 април и на 8 мај.
Пендаровски истакна дека досега бил претседател на сите граѓани, без делба по етничка, полова, старосна, или социјална основа, за него секој граѓанин е важен.
Средбата имаше отворен карактер со можност граѓаните да поставуваат прашања. Запрашан дали ги дискриминира жените во однос на функција како што го обвинуваат од опозицијата, одговори дека го чепнале онаму каде е најуспешен:
– „Бев првиот претседател во историјата на независна Македонија којшто постави жена за аѓутант, во Армија која доминантно важи за машка организација. Првиот ден од мојот мандат поставив и советничка за родови прашања, а 52 проценти од мојот тим е составен од жени. И во вториот мандат ќе работам за родова еднаквост, за подобри услови за работа на сите девојки и жени“ – беше одговрот на Пендаровски.
На прашањето за изјавата на противкандидатката дека ако биде претседател на државата ќе го исфрли од употреба зборот северна, т.е. дека ќе го поништи Преспанскиот договор, Пендаровски одговори:
– „Тоа значи политичка пропаст за тој што го изјавил тоа и трагедија. Тоа значи дека Македонија ќе биде исфрлена од членството на НАТО, дека ќе останеме како држава сами, без сојузници, без одбранбена сигурност“.
На прашањето дека Мицковски не знаел што Пендаровски изјавил во Делчево, Пендаровски одговори:
– „Тој разбра што сум кажал во Делчево, ама има еден друг проблем – Мицковски лаже. Има потреба да лаже. Тоа пред четири години во својот извештај го има констатирано Европскиот Парламент во Стразбург наведувајќи дека Мицковски е извор на дезинформации и лажни вести. Значи, човекот има нешто внатре што го тера да лаже“.
Средбата во Гевгелија со граѓаните заврши со оро и песна „За многу години македонци“.
Пред посетата на Гевгелија Пендаровски имаша граѓански средби со валандовчани, со жителите на Богданци, со жителите на Дојран.
Од сите нив побара повторно доверба да им биде претседател на државата со пораката – Бројот 1 за вистинско вреднување на трудот!