Со звуците на песната “Таму кај што си” денеска беше свечено пуштен во употреба новиот инклузивен парк “Ице Бегов” што го изгради истоимената фондација во дворот на Пионерскиот дом во Гевгелија.
Честа да ја пресечат црвената лента беше на децата, лицата со попреченост и омилениот пејач на Ице, Ристо Самарџиев.
На овој ден пред три години почина младиот гевгеличанец Ице Бегов , а фондацијата во негов спомен остави аманет на гевгеличани дека светот е поубав кога сме сите заедно, градејќи инклузивен парк за сите кои сакаат убаво катче во срцето на Гевгелија.
Фондација Ице Бегов – мисија на хуманост, ведар дух и дбрина.
За навек да е детската игра, радоста, насмевките и среќата!
Наместо помен за тригодишнината од прераната смрт на Ице денеска беше изведена црковна литургија за осветување на инклузивниот парк насловен по гевгеличанецот со големо срце и емпатија за секого. Ице Бегов беше лице со посебни потреби, со љубов за секого, отворен, насмеан, со енергија 200 на час, уживаше во музиката, свиреше гитара и ги обожаваше песните на омилениот негов пејач Ристо Самарџиев. Беше миленик на семејството и нивен незаборав.
Најголемо друштво за поддршка на настанот беа членовите на најстариот планинарски клуб ЗПСК „Кожуф“ од Гевгелија кои учествуваа во садењето на дрвца, цвеќиња и украсни садници на заедничка акција со членови на Фондацијата, граѓани на Гевгелија и претставници на невладини организации со вклученост на лица со попреченост.
Највпечатлива беше беседата на отецот Лупче Миланов за помошта на болните, немоќните, за грижата која треба да ја даваме на таквите лица за тие да имаат побезболен и поудобен живот со своите попречености. Таква улога во нашето општество и во нашата Гевгелија имаат многу хумани луѓе, а една од нив е Фондацијата „Ице Бегов“ и впечатливата донација – изградбата на инклузивен парк во Гевгелија.
Фондација Ице Бегов денеска својата мисија на хуманост, ведар дух и добрина ја прошири на видлив и впечатлив начин и во Гевгелија.
Нека се шири хуманоста, добродетелството, алтруизмот – нека живее светот во слога и хармонија!