Сезоната на награди и заслуги за умешните сценски настапи на фолклорниот ансамбл „Бојмија“ од Гевгелија за 2024 година започна со освојувањето на ПРВАТА НАГРАДА на Фестивалот за изворен фолклор “Ињевска Гајда 2024” во с.Ињево, Радовишко.
Фестивалот на сцената донесе 10 културно уметнички друштва и ансамбли од Македонија, но најдолготрајни аплаузи и најдобри оценки од сручното жири добија гевгелиские играорци со народните инструменталисти на тапан, гајда, зурла.
И кога писна гевгелиската гајда со ансамблот „Бојмија“ со изведувачот Душан Томовски, кога писнаа звуците од длабината на овчјата кожа, кога се заводеа женските, па машките ора, се знаеше кој ги собра симпатиите на публиката и гласовите на жирото.
Овој Фестивал на изворен фолклор годинава се одржува по 28-ми пат, негувајќи ја традицијата на убавата изворна музика и игра, проследена со обичаи врзани за нашето традиционално етно богатство. Организатор на настанот е Здружението на граѓани за фолклор и традиција „Ињевска гајда“ од с.Ињево.
Гевгелиските „бојмијци“ добија Признание за учество на Фестивалот и ПРВА награда за најдобра изведба и сценски настап се’ вкупно на Фестивалската сцена во с. Ињево.
– „Чест и задоволство е да учествуваш на Фестивалот за изворен фолклор “Ињевска Гајда 2024”, а уште поголемо задоволство е да освоиш Прва Награда !!! Нашето гостување беше подржано од Министерство за култура, а во рамките на проектот Концертни активности на Ансамбл Бојмија за 2024 год“ – се пофалија од „Бојмија“.
Ете, честа да учествуваат на речиси тридецениски фолклорен фестивал и финансиската поддршка овозможена од Министерството за култура, членовите на „Бојмија“ ја оправдуваат со извонредна фолклорна поставка со која ја воодушевија публиката.
Честитки! Нека траат и нека се негуваат убавите фолклорни вредности од нашиот крај, од Македонија!
Oфицијалните документи од жирито и од организаторот на фестивалот за гевгелиска „Бојмија“.