На вечерашниот народен митинг организиран од ВМРО-ДПМНЕ свое претставување пред граѓаните имаше кандидатката за претседател на државата Гордана Силјановска Давкова.
Таа ги потсети гевгеличани на 2019 година кога исто така беше кандидат за претседател и за предизборните кампањи сега за разлика од тогаш имало многу повеќе жени и многу повеќе млади, значи идентификацијата почна, констатира Давкова.
- „Ако има жена претседател зошто тогаш некоја од вас убави и умни жени да не биде премиерка, претседателка на Собрание, да не биде претседателка на Уставен суд, да не биде ректорка, да не биде деканка, … затоа е потребна идентификацијата. Ви благодарам“ – истакна Силјановска Давкова пред гевгеличани.
– „А, кога ги гледам младите и се радувам, и тагувам. Не знам колку препораки сум напишала за одење по врвни универзитети на прекрасни млади луѓе. Ќе рече некој: Па како ќе ги задржите, претседателот нема ингеренции во однос на младите? Секогаш може да се најде ингеренција. Најпрво, претседателот треба да има тело околу себе, Совет за млади, во кој ќе се среќава со оние умните, најпрестижните, најталентираните, или оние кои имаат проблеми од социјален карактер, оние кои се борат со сиромаштијата… Зошто? За да ги убедиме дека не е доволно да им велиме „Вие сте нашата иднина, туку да ја смениме сагашноста за да може вие да си ја земете во раце иднината, вклучувајќи ја и политиката“ – посочи Давкова во Гевгелија.
Та нагласи дека: – „Нема политика без дијалог, без дебата, без компромис, без потрага по согласност, по усогласување, по нешто заедничко“.
Во својот говор Силјановска-Давкова ги спомна и специјализантите по медицина чиј статус уште е нерешен, навестувајќи поддршка во протестите, наместо решенија кои ги понуди за младите на почетокот од својот говор:
– „Што ќе направев јас ако бев во моментов претседателка? Ќе протестирав и ќе марширав со нив! И тоа ќе го правам! Со сите ранливи категории, секогаш кога ќе сакам да ја разбудам свеста!“ – рече Давкова од говорницата во Гевгелија.