Предизборниот карван на СДСМ и коалиционите партнери за Европска Македонија вечерва имаше свој старт од Гевгелија – европската порта на Македонија, со што ја искажаа симболично својата определба за трасираниот пат за иднината на државата кој води до полноправно членство на Европската Унија.
Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски пред Гевгеличани истакна дека:
– „Гарантираме европски животен стандард, просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра. За младите обезбедуваме по 200 евра за прво вработување за млади до 26 години, а ќе воведеме Програма со субвенции и поволни цени за купување сопствен дом за млади до 29 години, како и гарантирана плата за млади, и грантови за отпочнување на сопствен бизнис за млади, сега зголемен на 8.000 евра. Невработеноста ќе биде 7% до крај на мандатот. Компаниите ќе добијат нови 180 милиони евра директна финансиска поддршка, А финансиската поддршка за земјоделците ќе е во висина од 1,35 милијарди евра“, – рече Ковачевски.
Тој додаде: – „Ветуваме драстично зголемување на платите на медицинскиот персонал. За нашите пензионери кои ја изградија оваа држава ќе обезбедиме просечна пензија од 30.000 денари и минимална пензија од 20.000 денари во новиот мандат. Изборот е кристално јасен. На 8-ми мај одлучувате помеѓу надеж за подобра, европска иднина со СДСМ и безнадежност и враќање назад со ДПМНЕ.“
Дочекан со аплаузи и овации, свое обраќање пред гевгеличани имаше и носителот на листата за пратеници од СДСМ и коалицијата за ИЕ-4 д-р Венко Филипче. Тој истакна:
– „Јас како лекар и неврохируг знам колку е важно да им бидеш достапен на граѓаните кога им треба. А така треба да биде и во политиката. Контактот со граѓаните и грижата за нивните проблеми не смее да заврши на денот кога ќе завршат изборите“.
Коносителката на листата Јована Тренчевска се осврна на социјалните политики кои ги оствари владата на СДСМ во изминатиот период и нагласи нови погодности, пораст на пензиите, на социјалните дотатоци, помош за младите нововработени до 26 годишна возраст, како поддршка за тие да имаат солидни европски примања овде во Македонија и да останат да работат и творат дома.
Предизборно претставување пред гевгеличани имаше и кандидатката за пратеник во Собранието на РСМ од Гевгелија, Елизабета Стефановска. Таа пред своите гевгеличани истакна:
– „Вечерва ја имавме честа да бидеме предводници на предизборниот карван на СДСМ, на чело со нашиот претседател Димитар Ковачевски и Носителот на изборната листа за пратеници од СДСМ и коалицијата за Избората единица 4 – Венко Филипче.
Гевгелија, Европската порта на Македонија е предводник во презентацијата на изборната програма на СДСМ која има Европска ориентација, а Европската порта и Европска Гевгелија тоа најдобро го умеат.
Овде сум пред Вас со цел да ја поведеме заедничката трасирана патека за европските вредности кои треба да ги донесеме дома. Јас се вложувам да бидам глас на разумот, глас на напредокот, во име на сите Вас кои посакувате иднина!“ – истакна Стефановска.
Ковачевски нагласи: „Овде во Гевгелија изборот е лесен, Победниците се секогаш број 1 (еден). Гласајте за број 1 за нашиот европски ориентиран претседател Стево Пендаровски, гласајте под број 1 за Носителот на листата за пратеници на СДСМ и коалицијата Венко Филипче. И на 24 април, и на 8 мај гласајте за иднината, зошто нема отстапување од иднината!“