Домашна наменска претстава „Сите сме еднакви“ креирана од локални автори, поставена на сцената од локален рeжисер, а изведена од ученици од основните училишта ООУ „Владо Кантарџиев“ Гевгелија и ООУ „Ристо Шуклев“ Негорци, доживеа четири изведби пред гевгелиската публика.
Актерскиот состав беше сериозен во изведбата на текстот на авторката Магда Ангова, креиран во соработка со психологот Розита Андонова, а на сцената адаптиран во режија на Катица Џишева Дупарова. Сценската поставка ја третираше темата на дискриминацијата, врсничкото насилство и одредени сцени кои се за некои од жртвите секојдневие, а за повозрасната публика можеби откритиие за појавите во општеството кои се присутни и кај помладата популација.
Кои се побудите на личноста која репресира и дискриминира, кои се реакциите од присутните, кои е однесувањето на жртвата, кои се одговорите на средината, на семејството? На овие прашања визуелно и сценски се обидува да одговори претставата „Сите сме исти“.
Кога се зборува отворено им навестуваме на жртвите дека не се сами, дека ја разбираме нивната тешкотија, ги разоткриваме постапките на дискриминаторите, ја отвараме проблематиката пред јавноста, за да се осуети и осуди чинот на дискриминација и насилство.
Ваквите размислувања преточени во ликовни и литературни дела беа дел од проектот „Еднакви права за сите” на ЗГ Поддршка од Гевгелија, па холот на Народниот театар во Гевгелија беше отворена изложбена поставка на креациите на децата од отворените работилници на оваа тема.
Проектот се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Проектот “Еднакви права за сите” е кофинансиран од Општина Гевгелија.
Фото: ЗГ „Поддршка“