Актуелниот претседател и кандидат за втор мандат на СДСМ и Коалцијата за европска иднина Стево Пендаровски на вчерашниот митинг во Радовиш упати порака за неговиот сопартиец Венко Филипче, посочувајќи дека тој се наоѓа секому и во секое време.
– „Ќе ми дозволите два три збора за д-р Филипче кој изминатиов период покажа и кога не беше на функција дека се наоѓаше секому, беше достапен 24/7 и јас и мојата сопруга и моите соработници секојпат сме го барале“, рече Пендаровски.
Пред радовишани Пендаровски објасни дека Филипче знаел и во 3 по полноќ да се јави и практично дека за него немало работно време, не само во време на Корона, туку и во било кое време и пред 2019.
– „Денес да го побарате повторно ќе го најдете“, рече Пендаровски.
Во своето обраќање Пендаровски го нарече Филипче „човек за кој ти е мерак да го гласаш“ бидејќи многу човечки животи се спасени заради неговите интервенции, неговите дијагнози и неговите операции.
Споредувајќи го со неговиот противкандидат во Изборна единица 4 Александар Николоски, кој како што рече „целиот свој живот бил на државни јасли“, за Филипче рече дека е сосем различен и да посака може да биде хирург каде сака во светот, за еден месец да заработи повеќе од годишна плата и на пратеник, и на министер, и на претседател.