Претседателски избори во Македонија се реализираат денеска со отварање на гласачките места во целата држава, утрово во 07 часот.
Во трка за претседател се седум кандидати, а истиот го бираат 1.814.317 граѓани на Македонија со право на глас. За да се избере денеска претседател потребно е да гласаат повеќе од половина гласачи, или најмалку 907.159 граѓани.
Во Гевгелија право на глас имаат 18.787 полнолетни граѓани кои денеска имаат можност да го искористат своето гласачко право и да гласаат за еден од 7-темина кандидати за претседател на државата.
Општинската изборна комисија вчера го распредели избирачкиот материјал на сите 36 активни гласачки места. Материјалите ги подигнаа Избирачките одбори со потпишак записник од Општинската изборна комисија за прием на изборниот материјал.
Неактивно е само гласачкото место во Габрово поради тоа што таму има само четири гласачи, а според Законот – местата каде бројот на граѓани со право на глас е под 10 добива статус неактивно, а гласачите се прераспоредуваат да гласат во најблиското гласачко место.
Ден пред официјалниот ден за гласање гласаат болните, лицата на издржување казна затвор и лицата во старечки домови.
Во Гевгелија од пријавените 175 болни и немоќни лица со одобрена лекарска потврда да гласаат дома, вчера гласале 166 болни лица, односно 5% не го искористиле своето гласачко право. Некои не биле дома, некои не сакале да гласаат зошто друг ги пријавил, а тие не се информирани за процесот на гласање.
Во гевгелискиот затвор вчера гласаа лицата на издржување казна затвор. Пријавени биле 53 затвореници за да гласат, а колку гласале ќе се утврди по завршетокот на гласачкиот ден, денеска после 19 часот.