СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија го прослави својот Патронен празник со културно-уметничка манифестација, во која учествуваа бројни ученици, членови на училишни секции. Својата креативност и експресија на сцената тие ја претставија пред бројната публика во Народниот театар – Гевгелија.
Во програмата беа изведени хорски настапи, изведба на драмски сцени на македонски и англиски јазик, музички настапи и танцови перформанси, подготвени од професорите: Илија Атанасов, Даниела Џишева и Александра Ќаева, Андријана Џинова, Кристина Пренда, Емилија Дуганова и Маја Зафирова.
– „СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија е пример за успешно училиште кое гордо стои чекор напред во иновативниот воспитно- образовен процес, училиште во кое за време од 70 години образование многу ученици успеале да ги постигнат своите цели, да стекнат знаења, вештини и вредности и така подготвени да се вклучат во градење на денешното општество и да го збогатат со своите таленти и способности“ – истакна директорот на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, Александар Делиџаков, во својот поздравен говор.
Тој го честиташе Патрониот празник, истакнувајќи:
– „Како и секое друго училиште, така и СОУ „Јосиф Јосифовски“ има предизвици, но со позитивните искуства од минатото, лесно ги надминува и продолжува со успешното образование на следните генерации на ученици. Еден од главните предизвици во денешното време е постојаното менување на технологијата и брзиот развој на истата. Затоа, нашето училиште го зголемува квалитетот на образование преку професионално развивање на кадарот, ги прифаќа и имплементира најновите технологии за да ги подготви учениците да го развијат својот потенцијал за успешна кариера во иднина“ – нагласи Делиџаков.
Патронот на училиштето, Јосиф Јосифовски – Свештарот Ѓорче е Народен херој на Југославија, прогласен на 5 јули 1957 година.
Роден е на 2 август 1914 година, а загинал на 6 октомври 1943 година во селото Кленоец, Кичевско во борба со германците и балистите.
Денеска одбележувањето на патрониот празник на СОУ „Јосиф Јосифовски“ се поклопи со 81 годишнината од излегувањето на првите партизани од Гевгелија и гевгелиско, на 26 април 1943 и формирањето на првите вооружени сили на Кожуф планина со формирањето на Гевгелискиот партизански одред „Сава Михајлов“.
Седум децении младите од Гевгелија своето средношколско образование го стекнуваат во гевгелиското средно училиште што го носи името на првиот Народен херој на Југославија од Гевгелија, Јосиф Јосифовски. Средното училиште во Гевгелија е формирано 7 јули 1952 година, девет месеци по прогласувањето на Ј.Јсифовски за Народен херој.
Годинава СОУ „Ј.Јосифовски“ одбележува 72 години образовна дејност.
Нека им се множат годините, успесите и умните ученици гевгелиски!