Денеска (07.05.2024) во паркот во општина Аеродром (авион) се одржа централната манифестација по повод 7 Мај – Денот на македонската полиција, на која присуствуваа раководството на Министерството за внатрешни работи, како и членови на Владата на РС Македонија и членови на дипломатскиот кор.
Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и оваа година ја продолжува убавата традиција започната минатите години – Денот на полицијата да се одбележува заедно со граѓаните согласно мотото „Полицијата во служба на граѓаните“, па така по официјалниот дел следуваше забавен дел со голем број популарни изведувачи и презентација на опрема на разни полициски единици и дружење на граѓаните со полицијата.
Свое обраќање на свечената церемонија имаа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев.
– „Денешниот ден ви е посветен вам. Вие сте луѓето кои секојдневно ги ризикуваат своите животи за да ја заштитат заедницата во која живееме, за да ја направат Македонија подобро и побезбедно место за сите. Буквално секој ден, без престан, во секој град, низ целата земја илјадници полициски службеници вршат несебична и благородна работа, надвор од удобноста на домот и семејството, во непредвидливи услови и често опасни ситуации, во постојана пресметка со криминалот – за да ги заштитат граѓаните, за да ја зголемат безбедноста во државата“ – истакна во своето обраќање техничкиот министер Таошковски.
Министерот Тошковски истакна дека полициската служба, во целосен широк смисол, односно беспрекорното извршување на нејзините надлежности и задачи е суштествено за секоја држава која претендира да биде сигурна, стабилна и просперитетна.
Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев хронолошки се осврна на изминатите седум години на Министерството за внатрешни работи во кои се случија многу фази и реформи во сите сфери на полициското работење.
Тој потсети дека Македонија е прогласена за најбезбедна земја на Западен Балкан од страна на Глобалниот индекс за мир, бидејќи се вложуваше во развојот на модерен европски полициски службеник- 17 милиони евра во подобри услови за работа со реконструкција на 82 полициски објекти низ државата, 14 милиони евра за нови униформи и опрема, покачена платата за 35% и исплатени сите бонус плати на вработените.
– „Со гордост можам да кажам дека успеавме МВР да биде МВР за граѓаните. Уверен сум дека создадовме одлични услови за македонската полиција да остане непоколеблив бедем во заштитата и спроведувањето на законите и гарант на личната и имотната сигурност на граѓаните“, рече Бојмацалиев со директна порака до полициските службеници и сите вработени во Министерството за внатрешни работи.
По воведните обраќања, од страна на раководството на МВР беа доделени благодарници и признанија на најдобрите полициски службеници од различни полициски организациони единици за промоција на професионализмот и реализирани оперативни активности.
Свечената церемонија по повод одбележување на 7 Мај – Денот на македонската полиција, беше збогатена и со културна-уметничка програма со настап на познати македонски изведувачи.
Претходно, во текот на денот, а во чест на загинатите припадници на МВР, беше положено свежо цвеќе на повеќе локации: споменикот на загинатите припадници на МВР во кругот на МВР, споменикот на загинатите колеги во хеликоптерската несреќа во Базата „Брест”, споменикот на загинатите припадници од Единицата за брзо распоредување во касарната Ѓорче Петров, споменикот на загинатите припадници од Специјалната антитерористичка единица „Тигар” во касарна Илинден, како и споменикот на загинатите бранители во паркот „Жена борец”.