Откако се дозна дека на дневен ред на седницата на техничката влада на Хрватска, одлучено е Марко Пурушиќ, попознат како Бејби Лазања, да биде награден со 50.000 евра за освоеното второ место на годинешното издание на Евровизија, младиот уметник се огласи на својот Инстаграм и повторно покажа зошто луѓето го сакаат толку многу.
Тој ги одби парите и во исто време даде предлог кому да ја проследат наградата.
- „Им благодарам на хрватската влада за паричната награда во износ од 50.000 евра. Сепак, тие пари не можам да ги прифатам. Би можел да дадам многу причини зошто, но првата, најважна и доволна е што има многу други поединци и организации кому овие пари ќе му помогнат многу повеќе“, ја започна својата приказна Беби Лазања.
- „Го молам господинот Пленковиќ да донира 25.000 евра во мое име и истата хрватска влада на Институтот за детска онкологија и хематологија со дневната болница „Младен Ќепулјиќ“. Понатаму, другите 25.000 евра до Заводот за детска хематологија, онкологија и трансплантација на крв на матичните станици на КБЦ Загреб. Ви благодарам“, напиша Марко и ги воодушеви луѓето со овој потег.
Неговата одлука предизвика голем број позитивни реакции, а се огласи и Горан Роиќ, директор на Клиниката за детски болести Загреб.
„Оваа вест ја примивме со евоодушевување, навистина нè изненади, но кога ќе размислам и ќе видам колку е нормален и одличен Марко во сето ова, од друга страна, можам да си објаснам. Многу ни значи, да мислиме на оние на кои им е потребна помош во овој случај, можеби има и такви на кои им е повеќе потребна од малите онколошки пациенти, но секако дека сме исклучително благодарни“, изјавил тој за „РТЛ“.
„Тоа не се мали пари, секоја помош е добра за нас, особено кога е на ваков начин, со ваков гест и тие пари ќе ги искористиме за да ги зголемиме условите за лекување и престој на малите пациенти на одделот за онкологија. Колегите рекоа дека сакале да го поканат и да го угостат Марко да ја посети болницата и одделот“, рекол тој.
Бејби Лазања моментално е една од најомилените личности во Хрватска. Освен што за малку ќе ѝ донесеше победа на својата земја на Евровизија, многумина истакнуваат дека заслужува внимание и поради скромноста што ја покажа на подготовките за големото музичко натпреварување. Тој го освои второто место на Евровизија, но неговите сонародници му приредија одличен пречек.