На литературен конкурс посветен на 24 Мај – Денот на Сесловенските просветители, браќата Св.Кирил и Методиј, ученичката Бојана Проданова од Гевгелија ја освои ТРЕТАТА награда.
Конкурсот беше на тема „За буквите…по вашите стапки чекориме”, посветен на делата и влијанието во писменоста и македонската култура воопшто на Солунските браќа Кирил и Методиј.
На истиот Бојана учествуваше со песничка инспирирана од творците на словенската азбука, со која ние и словенските народи еве веќе 12 века се разбираме.
„Со секој нов ред,
со секоја нова страница,
светот на писменоста
нема никаква граница“
Така вели Бојана.
Натпреварот се одржа на државно ниво во организација на НУ Центар за култура – Крива Паланка.
Нашата ученичка Бојана Проданова, е од III в одд. од ООУ „Крсте Мисирков“ од Гевгелија и овој нејзин успех на литературниот конкурс е значаен бидејќи е во конкуренција за ученици од основното и средното образование од Република Северна Македонија, посветен на 24 Мај – Денот на првите сесловенски просветители Св.Кирил и Методиј, на тема : „За буквите…по вашите стапки чекориме”.
Наградата и’ беше доделена вчера во НУ „Центар за култура“ во Крива Паланка, во пресрет на Денот на сесловенските просветители.
Наставник-ментор на Бојана е Смилкова Наташа, вработена во ООУ „Крсте Мисирков“ Гевгелија.
Така, со љубовта кон пишаниот збор Бојана докажа, а со тоа воедно и покажа како треба да се сака, негува и почитува мисијата на сесловенските просветители. А, со нив се учи, се твори, се победува!