Неработниот празничен Ден на просветата и Сесловенските просветители Кирил и Методиј инспирира над 15.000 македонски граѓани да заминат на продолжен викенд во Грција.
Информациите од МВР велат дека за 24 часа низ ГП „Богородица“ за излез кон Грција, од 10 часот во четвртокот, до 10 часот во петокот биле регистрирани 12.394 граѓани. Во истиот период на влез во Македонија на Богородица биле регистрирани 3.444 патници. Колоните возила за излез продолжија се’ до попладнето во петокот, со шест редици патнички моторни возила за излез од државата, кон Грција. Така што, бројот на граѓани кои заминале на продолжен викенд кон грчките плажи е над 15.000.
Во истиот период на ГП Табановце пак главно се чекаше за влез во земјава, која за српските туристи е транзит држава до Грција.
Засилен промет на сообраќај, возила и патници на ГП „Богородица“ се очекува и во неделата кога истите викендаши би требало да се вратат дома, во текот на попладнето, па и во вечерните часови.