Синоќа се одржа 37-то издание на на фестивалот на новосоздадена македонска народна песна „Фолк Фест Валандово“.
На сцената настапија 20 изведувачи со исто толку композиции, создадени во духот на македонската фолк музика.
Со гласовите од жирито (во размер од 60%) и гласовите од публиката во салата (со размер од 40%) се избра победникот на фестивалот за оваа година. Тоа е композицијата „Темјана“ изведена од младата 19-годишна Ангела Влинтовска, музика на Ванчо Димитров, текст Огнен Неделковски и аранжман на Љупчо Соколовски. Наградата и’ ја додели градоначалникот на општина Валандово Перо Костадинов.
Еве што изјави Ангела за својата победа:
Второтопласирана е композицијата “Љубовта е оган” на дуетот Софија Пуровска и Никола Зацески, а за трето место беше избрана композицијата “Го чекам аберот” на Габриела Новевска.
Вечерта помина со убави мелодии и многу емоции. Со силен аплауз, му се заблагодаривме на Костадин Костадиновски, како еден од творците на Фолк Фест – Валандово и долгогодишен уметнички директор на фестивалот.
Награда за животно дело беше доделена на Кирил Тодевски, за се што има создадено на македонската музичка сцена, фестивалот и вредноста што ја има оставено до сега.
Ревијалниот дел, беше исполнет со хитови, како музички омаж на валандовчанката Благица Калева.
Во саботата на предфестивалската вечер на сцената на отворено имаше настап на рок бендот „Ареа“, Игор Џамбазов заедно со Гуру Харе и Кирил Џајковски.
Во петокот пак, на првата предфестивалска вечер свои настапи имаа Драган Мијалковски, Лозано и Перо Христов.
Фестивалот традиционално го полни Валандово со посетители од целата земја. Новитетот од пред неколку години, да се одржуваат двете предфестивалски вечери со музички гости на отворено, беше дочекан со позитивни реакции и градот овие три дена живее со полна пареа, преполни се угостителските објекти, а се одржа и Фестивал на традиционална храна.
– „Фолк Фест Валандово е македонска вредност. Ја одржува нашата традиција, создава нови песни и го зајакнува македонскиот идентитет“, истакна градоначалникот Перо Костадинов по повод манифестацијата.