Унијата на карате ветерани на Македонија е асоцијација на каратисти-ветерани активи во минатиот век кои своите спортски вредности уште ги паметат и слават со цел за афирмација и ширење на овој спорт меѓу младите.
Гевгелија има повеќедецениска карате традиција, па и почесно место во оваа асоцијација со изборот на Ристо Котев за претседател на Унијата на ветерани каратисти на Македонија.
На своја трета годишна средба, одржана во Прилеп, во саботата на 1 јуни, Унијата додели признанија, пофалници и трофеи на истакнати спортски имиња во каратето од цела Македонија.
Гевгелија се закити со ОСУМ Признанија, меѓу кои ЗЛАТЕН ТРОФЕЈ за посебни заслуги, две ПРИЗНАНИЈА за трајни вредности и пет ПЛАКЕТИ за особен придонес во карате спортот. Беа доделени и ТРИ Дипломи за потврден степен „карате мајстор“.
Носители на признанијата се карате ветераните:
ЗЛАТЕН ТРОФЕЈ – единствен доботник
1. МАРЈАН СВИЛЕЧИЌ – постхумно
„За остварени трајни вредности во пренесување на личното знаење низ тренажниот процес, придонесот за омасовувањето на SHOTOKАN школата, лидерството, развојот и афирмацијата на карате-до во Македонија“ – спои наведено на ТРОФЕЈНАТА почесна ЗЛАТНА награда.
ПРИЗНАНИЕ ЗА ТРАЈНИ ВРЕДНОСТИ
1. Борче Алексовски и
2. Ристо Брзанов
ПЛАКЕТА ЗА ОСОБЕН ПРИДОНЕС
1. Ѓоргија Трајковски,
2. Никола Ќуркчиев,
3. Данчо Дојранлиев – постхумно,
4. Ѓорге Зајков, и
5. Перо Мојсов
ДИПЛОМА за потврден степен „карате мајстор“
1. Ѓорге Зајков – 2-ри дан црн појас,
2. Перо Мојсов – 2-ри дан црн појас
3. Ристо Котев – 7th – Shichidan
Го запрашавме најистакнатиот по функција карате ветеран од Гевгелија Ристо Котев, за значењето на карате спортот кај нас во Гевгелија и доделените признанија.
Ристо Котев: За успесите на каратето во Гевгелија и за долгата над педесет годишна историја има многу да се зборува почнувајќи од нас кои се вбројуваме во условно кажано втората генерација, па се’ до пионерите кои токму денес, под водство на Ристо Брзанов, се во Турција на Балканско првенство.
Карате почетоците во Гевгелија се поклопуваат со карате почетоците во Македонија. Пролетта 1968 година под покровителство на тогашна СОФК-а (Фојуз за физичка култура) на Македонија делегација од Македонија оди на Конгрес во Белград, меѓу кои и претставниците на џудо сојузот. Таму проф. Атанас Кајчевски и Сејдо Теолофиловски се среќаваат со еден нов спорт, карате. По враќањето се организираат да ја пренесат оваа вештина во Македонија. Така есента 1968 година во Скопје го одржуваат првиот организиран тренинг и тоа се зачетоците на каратето во Македонија.
GevgelijaNET: На Вашата трета средба на карате ветераните највисока награда-признание добива Марјан Свилечиќ од Гевгелија и спомнато е дека тој за само два месеци регрутирал илјадници деца во Гевгелија и Скопје кои се приклучиле да тренираат карате, за што добил и „7мо Ноемвриска награда“ од општина Гевгелија. Сето тоа било во далечната 1967 година. Се сеќавате ли на тие почетоци, веројатно како дете, јуниор во карате тимот на Гевгелија?
Ристо Котев: Паралелно и независно од почетоците на каратето во Македонија, истовремено Марјан Свилечиќ се запознава со каратето и тренира во Панчево. И тој, по враќањето во Гевгелија, во рамките на џудо секцијата во ДТВ „Партизан“ почнува со карате тренинзи. Прв му се приклучува Ѓорѓе Зајков, а потоа и Данчо Дојранлиев, Венци Стоев, Коце Трајков, џудистот Тони Попов и многу други, така да на фудбалското игралиште на градскиот стадион се одржува, воопшто во Македонија, првата масовна карате демонстрација.
Во формираните карате секции во Скопје тренираат и средношколци од Гевгелија, како што се Ѓоргија Трајковски и Никола Ќуркчиев.
GevgelijaNET: Свилечиќ веќе не е меѓу нас, наградата ЗЛАТЕН ТРОФЕЈ за трајни врености е доделена постхумно, а сеќавањата се и ценети и незаборавни, еве веќе речиси деценија по неговото заминување. Убави сеќавања за него беа изречени и од претставниците на Унијата. Да ги слушнеме.
– „За Марјан Свилетиќ, повеќекратен шампион на Македонија во лесна категорија и Југословенски репрезентативец во карате. Марјане, слава ти! – изјави претставник на Унијата на ветерани каратисти на Македонија.
Ова се навистина вредни моменти за спортистите кои ја празнеле својата младешка сила на душеците за тренинг, за натпреварувања, за спортски дефилеа. Сигурно полни со емоции за едно младешко и вредно спортско време, кое сега продолжува со младите крате сили на КК „Армор“ од Гевгелија.
Првите каратисти од Гевгелија биле неуморни во својата промоција на спортот карате – со спортско дефиле на градскиот стадион во Гевгелија, со боречки потези и фото сесии на Вардарски рид, со многу ентузијазам и посветеност кон спортот.
На ветераните им ги честитаме заслужените признанија!
На новите карате сили на Гевгелија упатуваме повеќе потстрек во својот спортски напредок кон врвот!