После 50 години од изградбата на младинскиот дом во село Моин Гевгелиско, годинава заврши неговата реконструкција, а прексиноќа (на 05.06.2024 г.) со свечена програма посветена на мештаните и бројните гости беше пуштен во употреба.
Реновираниот дом доби име во спомен на прерано починатиот Иван Костадинов, жител на ова село. Располага со свечена сала, сцена, нови тоалети, нов кров, столарија, ново внатрешно уредување, се’ на се’ едно убаво и културно опремено катче наменето за жителите на ова населено место.
„Во пејзажи ретко красни
загнездено село стои,
во прегратки од планини,
во чудесни сјајни бои“
Со овие зборови ја започнаа свечената програма најмалите жители на ова населено место, учениците од прво, второ и трето одделение од Подрачното училиште во с. Моин, а по повод отварањето на Младинскиот дом „Иван Костадинов” во нивното родно место – с.Моин.
На сцената настапија и членовите на ансамб „Бојмија“ со дел од својот репертоар.
Целиот зафат за реконструкција на домот има вредност од 13.551.139 денари кои беа наменети за изведување градежни работи, електрична инсталација и уредување на санитарни јазли. Од тоа, учеството на општина Гевгелија е 2.138.378 денари, како и 2.327.904 денари со пресметан ДДВ од Буџетот на Општина Гевгелија за 2023 година за внатрешното опремување на Домот.
– „Обновувањето на ваквите објекти има огромно значење во зачувување и промовирање на културата на македонскиот народ. Потребите и барањата на граѓаните за мене се предизвик да работиме и продолжиме со реализација на бројни проекти на целото подрачје на општина Гевгелија“, рече градоначалникот Сарамандов на свечениот настан по повод пуштањето во употреба на младинскиот дом во с.Моин.