Со 37 години реализирана докторска дејност во општина Гевгелија во послевоена Југославија кога Гевгелија ги опфаќала и сегашните општини Богданци, Дојран и Валандово, д-р Александар Сингер го заработи епитетот „народен лекар“ меѓу гевгеличани.
Со таков наслов „Д-р Александар Сингер, народен лекар“ завчера беше отворена изложба на овој посветен лекар за пациентите кој од Хрватска доброволно дојде да лекува во Гевгелија во далечната 1946 година.
Вакво нешто на почит требаше да му направи и Гевгелија, но Сингер и неговиот живот имаат пошироки вредности за човештвото, со преживеаниот холокауст – масовното систематско убивање на околу шест милиони европски Евреи, во текот на Втората светска војна, од страна на нацистичкиот режим во Германија, предводен од Адолф Хитлер, со што неговиот живот стана приказ на човековото преживување, лекарска посветеност и хуманост. Затоа доби простор за презентација на неговиот живот во една државна но и светски поддржана институција во рамките на „Фонд на холокауст“.
Сингер потекнуваше од еврејско семејство кое од Војводина се преселило да живее во Хрватска. Роден е во Војводина на 22.02.1914 година и таму го завршил своето основно и средно образование, а дипломирал на Медицинскиот факултет во Белград во 1939 година. Со почетокот на ВСВ тој е заробен од страна на фашистите на 27 годишна возраст. Но, медицината, лекарското знаење, потребата од лекарска пракса во логорите го спасиле да не заврши во некои од гасните комори на холокаустот. Ја преживува војната, го преживува заробеништвото и се враќа во Хрватска, каде во 1946 година дознава дека во Гевгелија нема медицински кадар и доброволно се пријавува во тогашното Министерство за здавство во Хрватска да работи во овој крај од тогашна ФНРЈугославија.
И овде во Гевгелија, во гевгелиската болница го помина и професионалниот и голем дел од својот личен живот кој го заврши на 83 годишна возраст на 2 април во 1996 година.
Во Гевгелија беше лекар од иницијатива – го формираше Интерното одделение во тогашната болница, познат е дека ја искоренил маларијата што го зафатила и овој крај, сам се доизградувал професионално, се едуцирал читајќи медицински книги, ги имал над 5.000 на број и сите ги оставил како наследство на гевгелиската болница.
– „Д-р Сингер долго време бил единствен лекар во Гевгелија. Во периодот од 1946 до 1952 година неуморно ги лекувал жителите на Гевгелиско-Валандовскиот крај, а тоа е период кога маларијата, стомачниот тифус, туберкулозата и сите детски заразни болести биле во подем. Сингер бил народен лекар во вистинска смисла на зборот, неговите дијагнози биле сигурни, несебично им помагал на сите, понекогаш дури и финансиски, и никогаш не посегнал по материјални привилегии, и токму затоа и го сакале неговите сограѓани“ – стои во посветата на изложбата во Меморијалниот центар на холокаустот на евреите во Македонија.
Сингер беше лекар кој за потребите на пациентите знаеше да користи и запрежна кола со волови за да стигне до некое село да породи родилка. Го покриваше реонот на сегашниот територијален атар на општините Гевгелија, Богданци, Дојран и Валандово.
На отворањето на изложбата присуствуваше семејството Јаневи од Гевгелија каде повеќе години Сингер бил подстанар, а на публиката ѝ се обрати Јордан Јанев –Дане. Изложбата ја отвори м-р Жаклина Мучева.
Изложбата за д-р Сингер ќе биде отворена и достапна за публиката до крајот на август 2024 година. Поставката се наоѓа во изложбениот дел на Меморијалниот центар, втор спрат. Работно време: Вторник – Петок , 09:00 – 19:00/ Сабота и Недела, 09:00 – 15:00 часот.
Дизајнот на изложбата е дело на Розалинда Трајкоска.
Еден живот со воена голгота, секојдневен приказ на смртта, победа над холокаустот и посветена професионална кариера од речиси четири децении во Гевгелија. Затоа Гевгелија го сака и цени и не го заборава својот народен лекар – Д-р Александар Сингер!