Младинската женска репрезентација на Македонија за ракометарки до 20 години, вечерва го почнува настапот на Светското првенство. Шампионатот ќе се одржува во Скопје, а натпреварите ќе се играат во спортските сали ,,Борис Трајковски” и ,,Јане Сандански”.
Нина Попова е наша ракометарка од гевгелија која настапува во репрезентативниот дрес на Македонија. Таа смета дека репрезентативките работеле максимално и веруваат дека се подготвени за добар настап.
– „Немаме очекувања, имаме цел да ја поминеме групната фаза и да обезбедиме солиден пласман. Се’ што следи после групната фаза, ќе атакуваме со сите сили и ќе целиме на победа.
Не се спремаме долго, бидејќи почнавме веднаш по завршувањето на првенството. Иако не е многу време, сметам дека работевме максимално сите до една и дека сме спремни да ги оствариме нашите цели со сите сили што ги имаме” – изјави Нина.
Македонија во првата рунда од групната фаза за противници ги има репрезентациите на САД, Ангола и Исланд.
– „Сметам дека можеме да ја поминеме групната фаза, иако сме ослабени по повредата на Марија Јанкуловска, а неизвесна е и Бојана Радевска.
Другите ќе дадеме плус 10% од нас за да надополниме нивното отсуство.
Нашата предност се нашите срца и големата борбеност”, посочи Попова .
Првиот натпревар на нашата репрезентација е против САД со почеток од 20:15 часот во „Борис Трајковски”.
– „Сакаме победа против САД, не потценуваме никого, ќе напаѓаме со сè што имаме. Не ни е прва средба со САД, лани игравме на турнир со нивната „А“ селекција во Унгарија и успеавме да ги победиме, а се надевам дека ќе го повториме истото.
Женскиот ракомет не е ценет како што беше, но сега е моментот на златните генерации кои целат да ги бранат боите на Македонија со срце.
Се надевам дека навивачите ќе дојдат во голем број, ќе нé поддржуваат и ќе бидат дел од нашата визија за добар пласман и добра атмосфера во салата Борис Трајковски “, заклучи Попова.
Извор: Спорт плус