Денот посветен за мир и покој на починатите Духовденска задушница, гевгеличани ја испочитуваа и денеска со посета на гробните места на своите кои веќе не се на овој свет.
На денот на Задушница, се посети црковниот храм Св.Спас, каде се одржа света литургија и панихида, на која свештеникот ги прели житата со вино, а по завршувањето на службата, се посетија гробовите на починатите. Се палеа свеќи на гробовите, а свештеникот отслужи парастоси за помен.
Вообичаено се носи варена пченица и во црквата и на гробиштата, што нè потсетува на Христовите зборови дека житото носи плод само кога ќе умре, и тоа не во темница, туку во светлината на сонцето. Црвеното вино, со кое свештеникот го полева житото, ја означува Божјата милост со која се лекуваат раните на гревот.
Бидејќи ова е денот кога посебно внимание се посветува на распределбата на милостина, задолжително е да се дава милостина на секој просјак што ќе го сретнеме и да дадеме дел од храната што сме ја зеле со себе. А, такви посетители имаше и денеска на гробиштата во Гевгелија и беа послужени од принесеното, иако не ги познаваат покојните.
Црквата препорачува оние кои не се во можност да одат на гробиштата поради оддалеченоста, треба да одат во најблискиот храм и да извршат помен за своите покојни.
Духовденска задушница е сабота пред педесетница, па вакви парастос помени ќе се извршат и утре, сабота 22 јуни во 08:15 часот до 10:15 часот.