Денеска попладне на подрачјето на општина Дојран изби пожар на депонијата која се наоѓа во областа Карач.
Црн чад се извиваше на исток, кон Дојранското езеро, поради присуството на ветер од северозападен правец.
- „Пожарот е пријавен околу 15:30 часот. Гореше депонијата. На терен се упати екипа составена од 5-мина членови на Доброволното противпожарно друштво „Дојран“ од Дојран со две ПП возила. Пожарот е локализиран и екипата на ДППД од Дојран се врати од терен во 21:00 часот“ – изјави за GevgelijaNET Стојан Шулев, претседател на ДППД Дојран.
Освен истурените цистерни вода за гаснење на депонијата, екипата на ДППД направија и одбранбени појаси од пожарот, со цел спречување на ширењето на огнот и оневозможување тој да се прошири кон блиската вегетација.
За време на интервенцијата на гаснење на опожарената депонија ЈПКД „Комуналец-Полин“ од Дојран ги извести корисниците од Нов Дојран за привремен и краткотраен прекин на водоснабдувањето.
– „Исклучена ќе биде главната препумпна станица поради потребата да се интервенира на запалената депонија“ известија од ЈПКД „Комуналец-Полин“ Дојран и побараа трпение од граѓаните.
Терминот „запалена депонија“ асоцира дека нема сомнежи во причината за денешниот пожар, дека истиот е предизвикан од човечки фактор, укажува на тоа и обраќањето на комуналното претпријатие.
Претседателот на ДППД Дојран Стојан Шулев, не’ извести дека доброволните пожарникари од Дојран веќе два дена се справуваат со пожари на отворен простор.
- „Вчера се интервенираше во атарот на селото Црничани каде гореше стар напуштен лозов насад, ниска вегетација, капини и сува трева. Тоа што пожарот започнал да гори од локација кај селскиот пат асоцира повторно на човечки фактор како причина на опожарувањето“, оцени претседетелот Шулев.
Сезоната на суво и екстремно топло време има услови за брзо ширење на пожарите поради сувата вегетација. Се повикуваат граѓаните на совесен и одговорен престој во природа бидејќи ако дојде до настанување на шумски пожар Македонија, нагласија од ЦУК, има на располагање само едно летало за гаснење пожари, другите два ер-трактори немаат пилоти. Спасувачките акции и гаснењата ќе бидат екстремно тешки и неизводливи. Затоа е потребна граѓанската претпазливост и одговорност.