XXIV Вардарска регата “Гемиџии 2024” по 121 година стаса до Солун, со директна пловидба по водите на Вардар од Велес до Солун како некогашните трговци и велешките гемиџии
20 момчиња, членови на Извидничкиот одред “Димитар Влахов” од Велес тргнаа со чамци на патување по Вардар до Солун, на 20 јуни со почеток во 8:30 часот. „Вардарската регата 2024“ во чест на солунските атентатори за прв пат отплови до Солун. Стартот беше одбележан со положување на свежо цвеќе на споменикот посветен на нив, со фрлен цветен венец во водите на Вардар, за спомен за нивната жртва и незаборав, со што кај Мало мовче отпочна овогодинешното патешествие на учесниците на регатата. Следејќи го патот на Гемиџиите и оваа година оддаваме почит на каузата со која се арчеа за Македонија.
Се пловеше по исклучително топло време, со температура од 40 степени под сенка, а во вода и до 45 степени, се спиеше под отворено небо, денот почнуваше од зори со чамците и за пет денови пловење се пристигна до Солун.
Вардарската регата успешно стаса до Солун. Нова точка за нив во патувањето беше Вардарската делта, сливот во Егејското море и совладување на водите во таа ширина.
Велешките извидници, како некогашните гемиџии стасаа до црквата „Свети Никола“ каде пристигнувала трговската роба од Велес до Солун. Овде во Солун ги пречекаа грчките скаути и со едреник нашите 20 момчиња-извидници заедно отпловија до Халкидики да ги видат убавините на Егејското море.