Планинарите на ЗПСК „Кожуф“ од Гевгелија неделава реализираа несекојдневна планинарска акција – искачија шест врвови на Рила планина во Бугарија и ги посетија 7-те Рилски езера.
Рилските Езера се група леднички езера, сместени во северозападниот дел на планината Рила, сместени на надморска висина помеѓу 2100-2500 м.н.в. Езерата се наоѓаат едно над друго и се поврзани со мали потоци, кои создаваат мали водопади и каскади.
Секое езеро си има свое име според географските и природни одлики и богатства. Првото е Долно Езеро, па следува Рибно Езеро, Трилиснато Езеро, Близнаци, Бубрег, Око и Солза. Да бевте таму ќе препознаевте дека секое езеро носи име поврзано со неговата најкарактеристична особеност.
Стартот на акцијата започна од Зелен Преслап (1612 м.н.в) до планинарски дом Скакавица (1865м.н.в), сместување во домот и посета на водопадот Скакавица (1832 м.н.в).
Следуваа врвовите: Кабул (2543 м.н.в), врв Отовица (2696 м.н.в), Раздел (2607 м.н.в), врв Дамга (2677 м.н.в), Зелен Камен (2588 м.н.в) и врв Харамијата (2465 м.н.в).
Беа посетени и водопадот Горица во с.Овчарци и прошетка до Сапарева бања.
Ова е најживописната и најпосетуваната езерска група во северозападниот дел на Рила, а езерата се распространети како скапоцена огрлица што ја красат планината. Еве еден живописен приказ на водопад.
Нашите гевгелиски планинари во тродневната акција ги наполнија очите со природна убавина создавајќи мост на пријателство со своите домаќини. Членови на ЗПСК „Кожуф“ пред 7-те езера на Рила газеа на се’ уште присутна снежна подлога
Такви се планинарите – планината ги спојува, зближува за соработка, но и отвара простор за нови пријателства!