Метео АЛАРМ – Топло време опасно по здравјето на човекот објави денеска Управата на хидрометеоролошки работи на Македонија најавувајќи дневни температури од 35 до 42 степени целзиусови за денеска и во следните два дена, па продолжуваат 40-те, и температури до 43 степени под сенка во следната недела до петок.
Ваквата прогноза ја натера Владата на РСМ да одржи онлајн седница и да донесе Препораки за ослободување од работа на неколку категории граѓани и забрана за физичка активност на отворено
На владината седница одржана денеска, по добиената информација за високите температури во кои што се наоѓа државата, усвоени се следните препораки, мерки и превенција за заштита. И тоа:
- Од работни обврски се ослободуваат бремените жени и лица на возраст над 60 години во период од 12.07.2024 (петок) до 18.07.2024 година (четврток);
- Во истиот период од една недела, работодавачите да ги реорганизираат работните активности на градежните работници и на работниците кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење на градежни и други физички активности на отворено во период од 11 часот до 17 часот;
- Во детските градинки да не се практикуваат физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во период од 11 часот до 17 часот.
Исто така, Владата препорачува до единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да пружат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и на бездомници, a со оглед дека одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик за здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
УВ индексот деновиве е висок и изнесува 9 единици, а од утре ќе биде повисок со УВ=10 единици и тоа го зголемува чувстото на топлина и непријатните ефекти врз здравјето на човекот.
Избегнувајте престој на сонце, пијте повеќе течности, носете лесна облека и јадете лесна нисколалорична храна, за да не го оптеретувате организмот на топлото време.