Жител на гевгелиското село Богородица објави видео со паднат штрк од неговото гнездо, дехидриран, дезориентиран и полусвесен.
Деновиве на 40 степени под сенка присутни во Гевгелија, температурите на отворено сонце се +50 степени. Овој африкански топлотен бран ги погоди и птиците кои од жештините колабираат и паѓаат на земја.
Хуманиот спасител на штркот од видеото е Мики Станојковиќ од Богородица, Гевгелиско. Тој со млаз вода ја разлади птицата и го полнеше нејзиниот клун за да ја освести. Штркот се поднапи малку вода и се освести. Мики вели дека сега е добар, жив и активен.
Видеото од оваа ретка спасувачка акција го сподели и групата „Хуманитарни акции на Македонија“ со АПЕЛ до сите – ДА ОСТАВАТ САДОВИ ПОЛНИ СО ВОДА насекаде каде нема река, извор, или чешма за да им послужи на животните во градските средини да преживеат на оваа неиздржлива жега.
Еве колку изнесува температурата во Гевгелија измерена под сонце, + 50 степени преку ден кога на сенка се измерени 40 степени. Од вакви горештини штрковите на почетокот на пролетта од југ се преселуваат во топлата Гевгелија, а деновиве и Гевгелија е со сахарска клима како во Африка. Затоа птиците паѓаат од гнездата на земја. Потребна е и наша помош за да преживеат.