Од ЦУК информираат дека во последното деноноќие имаше 2 438 повици на 112 и вкупно 36 пожари на отворено, од коишто активни утрово се 18, врз коишто од рани зори противпожарно се дејствува по земја и со воздухопловна поддршка од сите летала што се во моментот на располагање и домашни и од другите земји.
Кон Гевгелија испратени се два хеликоптери за гаснење на пожарот кој веќе шести ден гори од Негорци према Кованец, а од вчера огнот продолжи да годи низ шумата на Кожуф во правец на селото Серменин.
Хеликоптерите вчера пристигнаа како помош на Македонија за справувањето со големите пожари на отворен шумски простор од Република Словенија. Утрово хеликоптерите полетаа од аеродромот Петровец кон гевгелија за гаснење на пожарот .
– „Во гаснењето на пожарот на планината Серта во неготинскиот дел кај селото Калањево рано утрово се приклучени четири хеликоптери, двата наши армиски и еден полициски, а на нив ќе им се придружи и еден црногорски хеликоптер. На територијата на Гевгелија, над селото Негорци, испраќаме два словенечки хеликоптери, додека во Општина Ново Село на планината Огражден испраќаме еден голем турски и еден голем српски хеликоптер, што носат пет тона вода“, утрово информираше директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Тој додаде дека во текот на денот очекува да се воспостави контрола врз големиот пожар што со денови гори на планината Серта.
„Ќе полетаат и сите „ер-трактори“, три на ДЗС и два турски „ертрактори“ заедно со хрватскиот канадер кон планинатат Серта на територијата на Општина Штип позади селото Драгоево. На сите места каде ќе дејствуваат воздухопловите, на земја имаме противпожарни единици на кои им се придружуваат 100 војници од Армијата и 30-тина припадници на полицијата“, рече Ангелов.
Тој најави дека денеска се очекува да слета и авионот Херкулес од Романија, што носи т.н. водни бомби од повеќе од пет тона. Заедно со него ќе слета уште еден авион кој му служи како логистика.
Низ целата држава има уште неколку пожари, кои ќе бараат воздушна поддршка, во Општините Чашка, Долнени, Студеничани, Зелениково, под врвот на Солунска глава има пожар, како и пожарот веднаш до Радовиш.