Советот на општина Гевгелија одобри 2.008.000 денари за организирање на фестивалот на храна и вино „Вкуси го југот“ чиј главен организатор е „Крафт продукција“ од Скопје.
Овие средства се одобрени од Програмата за култура на општина Гевгелија за 2024 година наменети за поддршка на културни активности и манифестации од значење за Општината.
Програмата за култура за 2024 на Општината беше донесена на почетокот од годината и тежи 7.030.000 денари. Со дополнувањето на Програмата за финансирање на програмите и проектите од областа на културата во интерес на општина Гевгелија за 2024 година Советот на 44 одржана седница одобри дополнителни 2.008.000 денари (или 32.650,- евра) за скопската „Крафт продукција“.
Со овие одобрени средства од Буџетот на општина Гевгелија целокупната културна активност во општината финансиски поддржана од локалната самоуправа за 2024 година ќе тежи 9.038.000 денари.
Во образложението на одлуката за доделување на овие средства стои дека:
– „Крафт продукција ДООЕЛ Скопје беше организатор и на првото издание на фестивалот одржан минатата година во Гевгелија. Истиот беше успешно организиран, траеше три дена и придонесе за збогатување на културната понуда на градот Гевгелија. По организацијата, правното лице уредно достави финансиски и наративен извештај и го исполни условот на Општина Гевгелија за одобрување на финансиски средства од Буџетот на општина Гевгелија за 2024 година“.
Фестивалот на храна и вино „Вкуси го југот“ („Taste the south”), по една година, повторно ќе биде организиран во Гевгелија, а Општината најавува негов традиционален карактер со цел Гевгелија да добие културна програма која што ќе претставува збогатување на туристичката понуда на градот.

Освен понудата на храна и вино на тезги од бројни излагачи, производители и угостители од Гевгелија фестивалот „Taste the south” минатата година беше збогатен и со забавни настапи на домашни и локални музички изведувачи.