Младинците на Македонија одиграа уште еден одличен натпревар на Европското првенство во Словенија и ја совладаа Франција на последната средба со 30-29. Ова беше драматична битка до крајот, но беше со среќен крај за Македонија која го освои деветтото место со овој триумф.
Македонија во текот на првото полувреме достигна и до највисока предност, 15-10, резултат со кој се замина на пауза.
Пред крајот на второто полувреме резултатот беше 30:29 за Македонија со голот на Субашевски на десет секунди до крајот.
Французите викнаа минута одмор, топката стигна до десното крило и судијките донесоа чудна одлука за црвен картон за Митев, иако ривалот не беше во позиција за шут. Тоа значеше пенал за Франција,
Голманот Иван Галевски го одбрани пенал на противникот досуден неправедно и македонското славје можеше да почне. Момците на Раде Стојановиќ уште еднаш покажаа дека и тоа како можат и против најголемите репрезентации.
Меѓу младинските репрезентативци беа и двајцата браќа Узунчеви од Гевгелија. Димитар даде пет гола на овој драматичен меч за 9-то место на Европската ракометна карта.
Субашевски и Митев реализираа по шест пати, пет гола даде Узунчев, а Калајџиески стрелаше четири пати во мрежата на ривалот.
За репрезентативците сега следува пат до Македонија, краток одмор пред да се приклучат на подготовките на своите екипи за новата сезона.