Министерот за спорт Борко Ристовски денес при посета на општина Гевгелија ја најави изградбата на нова атлетска патека.
- „Овој проект е плод на барањето на спортските работници во Гевгелија и доставеното барање од страна на АК „7 Ноември“. Оваа инвестиција за изградба на ваква спортска инфраструктура е прифатена во буџетот за 2025 година (од страна на Министерството за спорт), а реализацијата би започнала во март, април следната 2025 година“ – рече во Гевгелија министерот Ристовски.
– „По разгледување на можните локации, се одлучивме за Спортскиот Комплекс „Касарна“ и веднаш започнавме со изработка на елаборатот за изградба. Атлетската патека ќе биде од големо значење за развојот на атлетиката и ќе служи како место за тренинг и натпревари“- додаде министерот.
Министерот заедно со претставници од локалната самоуправа го посети спортскиот комплекс „Касарна“.
Претставник на АК „7 Ноември“, Драган Ристов, образложи дека барањето за овој проект го потврдуваат со својата работа и резултати: членството на 130 атлетичари регистрирани во клубот, низа атлетски настапи во земјата и странство, големата градска трка „Новембр ран“ е признаена за државно првенство на патека од 10 километри на пат, за Македонија.
– „Ова се големи достигнувања за клуб формиран пред неполни 4 години. Треба да се инвестира за развој и на атлетиката зошто таа е кралица (мајка) на сите спортови“ – истакна Ристов.
Министерот рече дека оваа патека е само почеток на плановите на Министерството за спорт за унапредување на спортската инфраструктура во регионот.
– „Се радуваме на реализацијата на овој важен проект и веруваме дека ќе има позитивно влијание врз спортскиот живот во Гевгелија!“ – не го криеше оптимизмот министерот Борко Ристовски.