Еден хеликоптер дејствува на пожарот во близина на Стар Дојран, кој избувна попладнево, а притоа беа зафатени и објекти. Пожарот се наоѓа на десната страна при влезот во Дојран, но ова подрачје е опасно за гасење поради неиспукани стари гранати од војните во минатото.
Другите објекти се одбранети, а претходно беше евакуирано населението од куќите и зградите во близина на огнот. Градот е обвиен со чад, а во делови нема ни електрична енергија.
Во гасењето помогнаа противпожарните екипи и од Гевгелија, Валандово и Струмица.

Сега пак, хеликоптерот дејствува брзо заради тоа што полни вода од езерото.

Градоначалникот на општина Дојран Анго Ангов вели дека биле опожарени три куќи на почетокот од населбата во Дојран. Алармирале за потреба од воздухоплови во гаснењето уште во 11 часот, бидејќи присутниот ветер го разгорува огнот и брзо го шири од опожарената депонија кон туристичкиот центар Дојран.
Жители се жалат дека огнот се приближува до нивните куќи. Целата населба Стар Дојран е во чад.