Вокалната музичка група составена од седум девојки од Гевгелија, Богданци и Валандово, вчера по својот настап на фестивалот „Римини Фест“ во Италија го освои ПРВОТО место и доби Диплома за лауреат на Фестивалот, победнички пехар и многу аплаузи.
Музичкиот ментор на групата „Music soul“, формирана преку здружението на граѓани „Внимание“ од Гевгелија е проф. Маја Зафирова. Таа додеде дека освен заедничкиот успех, девојките имаа и соло настапи со што се закитија со уште шест награди: три ПРВИ места и уште три ВТОРИ места.
Пласманот е следен:
– 1 место во соло изведба – Слободанка Арнаудова, Билјана Дуева, Ангела Зафирова,
– 2 место соло изведба – Ања Поп – Костова, Ивана Коколанска, Анастасија Зафирова
– ПРВО место музички состав- септет – „Music soul“.
Ова е голема победа за младата гевгелиска група со музички ентузијастки од југот на Македонија.
Тие настапија во преубавата сала на театарот „Galli“ на 21 Интернационален натпревар и Музички фестивал на фолклор и танц „Римини-Фест“ во градот Римини, Италија.
Победничката во соло изведба, Слободанка Арнаудова од Стојаково, општина Богданци настапи со песна од Бијонсе, а за импресиите напиша на социјалните мрежи:
– „Многу ве сакам што повеќе дел од вас ми држевте среќа, не само на мене туку на целиот тим! Секој од нас си освои тоа што си заслужи. Јас од мојот тим освоив прво место и сум многу благодарна на Господ Исус Христос што ми даде среќа, енергија и трпение да дојдам до овој чекор во мојот живот“
Гевгеличанката Ања Поп-Костова освои Второ место, со нејзината интерпретација на песната на Адел „Rolling in the deep“.
– „Клучот на успехот е големата верба во себе, а најважно од се молитвите упатени кон Бога и вербата во него. Денес освоив второ место на фестивалот во Римини-Италија, но овој успех не е само мој. Голема благодарност до најдобрата менторка Maja Зафирова“ – порача Ања.
Билјана Дуева претставник на Вокалната група – „Music soul“ на Гала концертот во Театар Гали Римини изјави: „Премногу емоции, драги мои ученици премногу сум горда на Вас, поминавме тежок пат да учествуваме на натпреварот, верувавме во нашиот успех. Од стручното жири и Директорката на натпреварот Џулија Томашенко добивме официјална покана за учество во Франција“.
Им честитаме на овие распеани девојки победнички!!!