Денеска во клучниот натпревар за пласман во финалето на Европското првенство – Дивизија Б во Скопје и влез во елитната „А дивизија“, македонската јуниорска кошаркарска репрезентација во СЦ „Борис Трајковски“ со 92:68 триумфираше над Бугарија. Така, јуниорите предводени од селекторот Горан Андреевски ја запишаа и седмата победа во низа на ЕП.
Ова беше кошаркарска лекција за соседот – Македонија ја уништи Бугарија и обезбеди место во големото финале.
Нашиот стартен центар, Луканоски реализираше уште еден дабл-дабл учинок од 20 поени и 16 скокови, Јаничиќ застана на 17 поени, исто толку имаше и Трајанов кој запиша и 11 скокови, а Марјановиќ придонесе со 12 поени.
Противник на нашата национална селекција „Под 18“ години во финалето в недела ќе биде подобриот од вториот полуфинален меч меѓу Австрија и Полска.