Денес попладне, околу 13 часот, од висините на Погана во месноста Блатиште се изви голем чад носен од ветрот, што беше показател дека избувнал пожар.
Екипи на ТППЕ Гевгелија беа веднаш упатени на терен со противпожарни возила и пожарникари на кои сега точно не им се знае бројот, зошто во текот на денот се менуваа екипи и нови единици за дотур на вода со цистерни и теренски интервенции во гасењето на огнот.
Освен ТППЕ Гевгелија на помош пристигнаа и членови на ДППД од Дојран, екипи на Шумско стопанство „Кожуф“ од Гевгелија, од комуналните претпријатија од Гевгелија и Богданци.
И после 11 часови интервенции на терен пожароот се’ уште е активен. Присутниот ветер на Погана и можното менување на неговиот правец се вистинска мака за пожарникарите и закана за тамошните ветерници.
Иако условите за гаснење на пожарот во услови на мрак се несигурни, ризични и невозможни, мобилните екипи се’ уште се на терен со сесрдни сили да ги заштитат, одбранат ветерниците од пожарот и да го локализираат неговото дивеење.
Граѓани на социјалните мрежи со фотографии сведочат дека пожарот на Погана се’ уште гори.
Од ЦУК денеска известија дека во текот на денот во Македонија горело на 17 локации, од кои 6 биле изгаснати, 5 локализирани, а уште на 6 места се интервенирало со помош на меѓународните сили од „ЕУ механизмот“, со припадниците на АРМ и воздухопловите кои се на располагање. Пожарот во атарот на Богданци не беше спомнат. Истиот останува грижа на локалните противпожарни сили.