Висините на Погана кај Богданци од вчера попладне се под оган, а огнената стихија е активна повеќе од 24 часа.
Екипите на ТППЕ Гевгелија и денеска, и вчера, и изминатата ноќ непреќинато се на терен потпомогнати со силите на ШС „Кожуф“ Гевгелија, ДППД Дојран и комуналните претпријатија од Гевгелија и Богданци. Гори нискостеблеста шума.
Од дирекцијата на Центарот за управување со кризи изјавија дека од 42 активни пожари во изминатото деноноќие останаа уште 5 активни меѓу кои и пожарот на Погана.
- „Утринава беа упатени хеликоптери за гаснење на пожарот кај Погана, но поради присуството на силниот ветер не беа во состојба да дејствуваат“ – изјави директорот на ЦУК Стојанче Ангелов.
Останува локалните противпожарни сили помогнати со вработени во јавните претпријатија сами и понатаму да се справуваат со огнената закана на Погана која е во областа околу ветерниците. Ветерниот парк кај Богданци е дел од електроенергетскиот систем на Македонија и се прават сите напори истиот да се обезбеди од пожарот.
Погана гореше 2019 година, гореше 2021 година, 2022 година, Погана гори и денеска…