Со осум победи во осум натпревари, македонските кошаркари под 18 години ја освоија „Б“ дивизијата од Европското првенство, откако во дуелот на двете најдобри репрезентации ја совладаа Австрија со 98:88 во Скопје.
Двете непоразени селекции се бореа за првото место, за златните медали, и официјална промоција во учесници во „А“ Дивизијата односно наредниот шампионат кој ќе се одржи во соседна Србија.
Македонија ја надигра Австрија и доминантно стигна до пехарот, а по крајот на мечот, индивидуално одличје доби и најдобриот играч во нашиот тим.
Никола Јаничиќ беше избран за МВП на европскиот турнир во Скопје, награда која ја доби по гласање на 22-та селектори кои беа дел од натпреварувањето во изминатите 10-тина дена.
Јаничиќ е капитен на нашиот јуниорски тим и вистински лидер на теренот, нешто што го потврди и со 30 постигнати поени на вчерашниот финален меч.
Сосема очекувано, Јаничиќ се најде и во идеалната петорка на Европското првенство во Скопје, а таму доби друштво од уште еден македонски репрезентативец, Марко Луканоски. Останатите тројца се Имран Суљановиќ и Фун Шот од Австрија, како и Бугаринот Александар Гаваљугов.