Гевгелија во минатиог век важела за општина со висок број на моторни возила по глава на жител. Просекот го кревале и двете автотранспортни претпријатија во општината “Трансбалкан” и “Млаз” од Богданци, тогаш во состав на општина Гевгелија.
Големиот број возила секогаш ја одржувал во актуелност професијата авто-мото сервисер, како во претпријатијата, така и за приватните потреби на граѓаните во одржувањето и сервисирањето на нивните приватни автомобили. Тоа особено било интензивно во текот на летото – да се провери, пристегне возилото, да го издржи сиот пат до летната дестинација за годишен одмор, за да биде друштвото и целото семејство расположено за уживање.
На насловната фотографија е прикажан модерен приватен авто-сервис во Гевгелија, од 80те год, XX век
– „Можеби ќе го препознаете мајсторот?“
Ова беше предизвик до нашите читатели, а неколкумина одговорија дека тоа е сервисот на Илко Чучанов, познат авто-сервисер од Гевгелија, чија услуга ја почувствувале и бројни странски патници кои побарале помош за своето возило во сервисот на Чучанов. Покрај Гевгелија поминува меѓународниот автопат тогаш познат како Е-75, а сега меѓународен пат „Пријателство“, а на првата точка од влезот на Гевгелија се наоѓаше авто-сервисот на Чучанов. Вредната рака и искуството направија тој да биде „спасител“ на многу странски возила кои поминуваа низ оваа патна магистрала.
Илко е одамна починат. Сепак, ти благодариме за спомените мајсторе!