Синдикатот пресмета дека на 4 члено семејство за да ги задоволи основните потреби во август му биле потребни 61. 200 денари.
Поскапувањето не запира,. Цените и натаму растат. Синдикатот пресмета дека на 4 члено семејство за да ги задоволи основните потреби во август му биле потребни 630 денари повеќе во однос на претходниот месец . Од јануари пак до август, трошоците за живот се зголемиле за нешто над 4.000 денари.
Потрошувачката кошница за овој месец изнесува речиси 1.000 евра. Повеќе од третина од ова сума оди само за храна и пијалоци, 10% за плаќање сметки и 11 отсто за образование. Само мал дел, под 2,000 денари месечно граѓаните издвојуваат за лична хигиена и здравје.
Ако семејствата живеат во изнајмен дом, трошоците им се уште повисоки. За стан од 60 квадратни месечно им требаат уште најмалку 15 илјади денари за ќирија. Затоа ССМ смета дека платите мора да растат , а дилемите на оние кои мислат дека работничите плати се највиновни за растот на инфлацијата – треба да се разбијат.
– „Податоците покажуваат дека и без зголемување на платите, трошоците за живот вртоглаво растат, за што нема оправдување. Истото никој не се обидува да го спречи, а ги прави граѓаните, работниците и пензионерите уште посиромашни. Податоците од синдикалната кошница треба да ги разбијат дилемите на сите оние кои мислат дека работничките плати се највиновни за растот на инфлацијата односно растот на трошоците за живот“, велат од Сојузот на синдикати на Македонија.
Само со зголемување на платите, додаваат од ССМ, може да се зачува животниот стандард и оттука, таквото барање од страна на работниците е оправдано.
Во јули годинава Државниот завод за статистика (ДЗС) измери инфлација од три проценти на годишно ниво.