Измина летниот месец август, а денеска недела на почетокот од септември не стивнуваат гужвите за излез од Македонија кон Грција на Граничниот премин „Богородица“, кај Гевгелија.
Помина пладне, помина и 14 часот, а колоните возила, патнички и товарни уште се актуелни.
Читател на GevgelijaNet ни’ испрати фотографии од моменталната состојба. Видливи се колони, но најголемата гужва е во меѓуграничната зона меѓу Македонската и грчката граница кој е исполнета со автомобили и товарни возила кои чекаат влез во Грција. Колоните возила на излез од Македонија, а влез во Грција ги споија двете граници.
Колоните возила овој викенд беа актуелни и за влез во Македонија, со враќањето на семејните годишноодморци пред почетокот на учебната година.
Инаку, од АМСМ за денеска јавуваат дека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини “Табановце” и ”Богородица” за влез и излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Фото: И.Мустафа