Извонреден спортски настап на атлетичарката Валентина Узунова вчера на ултимативната трка „Чупино треил“ на траса долга цели 60 километри и совладана висинска разлика од 3.000 мнв. ја однесе на подиум за освоено ТРЕТО место на трката.
Оваа делница нашата неуморна атлетичарка ја истрча за време од 11 часа, 27 минути и 51 секунда.
Нема друга жена македонска на овој тркачки предивик. Валентина беше единствена учесничка од Македонија и единствена членка од АК „7 Ноември“ која во трк се фати во костец со километрите и висините на Плачковица. „Chupino Trail“ е маратонска исцрпувачка трка која Валентина ја совлада „машки“.
Прва на трката од 60 км за жени пристигна Ивана Ченериќ од Србија, а втора Санита Розе од Латвија, трета Валентина.
Искачувањето на подиумот за освоено трето место, освоениот медал, дипломата за учество на екстремниот маратон никогаш не се целосно исполнување на Валентина. Затоа за крај го развиорува знамето за поддршка на пациентите кои боледуват од Пулмонална хипертензија и така комплетно ја остварува својата спортска и хуманитарна мисија, да трча за себедокажување, да ги прави видливи проблемите и потребите на пациентите кои секој ден се борат за здив, за терапија, за достапни лекови.
Плачковица не спие, секој викенд нејзе и прават друштво планинари, велосипедисти и во последниве 2-3 години маратонци. Патеките кои минуваат низ густа шума,покрај чешми и потоци, даваат прекрасно чувство на релаксација и мир. Валентина скроти 60 километри од Плачковица под своите нозе.
Браво Валентина!