Специјализираната Јавна здравствена установа „Психијатриска Болница Негорци“ од Гевгелија после 52 години од своето постоење за прв пат добива правник за директор. Тоа го овозможува новиот Статут на установата кој е усогласен со Законот за здравство на РС Македонија.
Со Одлука од Министерот за здравство од 23 август годинава раководната функција со здравствената установа во Негорци му е доверена на Сашо Стојиловски, 39 годишен правник со долгогодишно работно искуство во истата установа, каде има остваено работен стаж од 16 години.
Стојиловски е дипломиран правник на Правниот факултет при УКИМ со диплома стекната во 2007, а работен однос во ЈЗУ „ПБН“ остварил во 2008 година.
Како долгогодишен познавач на приликите во здравството, правните норми, персоналните и работни права, наградувањата, јавните набавки за потребите на установата, како повеќемандатен член на Управниот одбор на Установата се стекнал со амбиција и потстрек да биде прв носител на извршната функција на установата, после десетина директори од психијстриската фела кои раководеле со оваа установа. Поткрепа за новиот предизвик му е довербата што ја добил од новиот министер за здравство.
Стојиловски обавува и општествени функции. На последните локални избори во државата, одржани во 2021 година стана член на Советот на општина Гевгелија од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, претседател на Законодавно-правната комисија при Советот и други општински тела.
Примопредавањето на функцијата од досегашниот директор д-р.спец.психијатар Боне Ставаноски, новоназнаениот в.д.директор Стојиловски се случи на пред крајот на август, во атмосфера на разбирање и соработка за доброто на пациентите и здравствена дејност која ја остварува установата.
Новоназначениот в.д.директор Стојиловски веднаш се зафати со остварување на најитните потреби на установата: Проектот за набавка и монтажа на панели за фотонапонска енергија (за производство на електрична енергија од сончевите зраци кои кај нас во Гевгелија ги има многу денови) и Набавка и монтажа на систем за евиденција на работното време, како и сервисирање на основната опрема на установата, неопходни за обавување на здравствената дејност.
Пациентите бараат подобрено здравје и удобен болнички престој – сето тоа треба да биде грижа и на новиот раководител на установата, иако доаѓа од правната фела. Тоа Стојиловски изјави дека ќе му биде императив во извршувањето на раководната функција.