Македонскиот тим од областа на програмирањето за средношколци, составен од учениците Дамјан Давков од Штип, Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп, Виктор Максимоски од Гостивар и Софија Велковска од Скопје, предводени од лидерите, д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освоија сребрен медал на Интернационалната олимпијада по инфрорматика што се одржува во Египет од 1 до 8 септември.
Како што информираат од Здружението на информатичарите на Македонија, сребрениот медал за Македонија го освоил Дамјан Давков кој од златниот медал го делеле само 9 поени, од можните 600 поени на натпреварот. Благој Рујаноски Стојановски освоил олимписка пофалница.
На 36. издание на ИОИ годинава учествуваат вкупно 370 ученици од 96 земји од целиот свет.
ИОИ е најпрестижниот годишен интернационален натпревар во програмирање за средношколци кој традиционално се одржува во една од земјите членки на ИОИ заедницата.
На овој натпревар учествуваат одбрани талентирани средношколци од целиот свет, кои натпреварувајќи се ги изоструваат своите информатички вештини, како што се анализа на проблеми, дизајн на алгоритми и податочни структури, програмирање и тестирање.