„Докторке!“. Вака ѝ се обраќале и колегите и болните во ЈЗУ Општа болница Гевгелија, каде таа облечена во белиот мантил, во своите раце го држела здравјето и животот на пациентите во ковид пандемијата.
Болницата ѝ исплаќала плата за општ лекар и надоместок за одвоен живот. Но, во сето тоа навидум вообичаено секојдневие, имало еден огромен проблем: таа немала завршено Медицински факултет, туку била вработена како „доктор“ за фалсификати. Ова е приказната за А.А. (име и презиме познато на редакцијата) која од 2016 година е вработена во гевгелиската болница на работното место доктор на медицина, без да има лиценца од Лекарската комора ниту пак завршен Медицински факултет.
„Слободен печат“ истражуваше и ја обезбеди севкупната документација за овој вознемирувачки случај, кој ги разголува аномалиите на системот што потфрла и стрмоглаво тоне. Како краен резултат на тоа системско распаѓање, проневерени се над 120 илјади евра и изиграна е довербата на пациентите.
Била вработена во болницата во Гевгелија без лиценца од Лекарската комора.
– „Пред една недела Лекарската Комора на Македонија во соработка со Медицинскиот деканат испрати допис до Општа Болница Гевгелија да биде поништен специјалистичкиот стаж на Анета Атанасова и ја извести Болницата дека на А.А. и’ се одзема правото да и’ биде издадена лиценца како специјалист-анестезиолог“, изјавува в.д. директорот на ЈЗУ „Општа болница Гевгелија“ д-р Патрик Матх.
Во папката со документите за вработената А.А. во болницата во Гевгелија, не може да се најде високо-квалитетниот фалсификат на уверението за дипломирање на Медицинскиот факултет во Скопје, приложен во 2016 година. Таа папка денеска е испразнета. Ги нема ни фалсификуваните и измислени оценки од ова уверение. Го нема ни уверението за наводно положен стручен испит пред комисијата на Лекарската комора со кој оваа девојка навистина би станала докторка во 2016 година, како што сакала да мислат другите.
Но, тие неверодостојни документи постојат на други места, во архиви на други институции и од таму ги добивме, од укажувачи. Целиот сет лажни документи дека е наводен дипломиран доктор по медицина, во 2016 година на A.A. ѝ донел бројни „поволности“ – вработување во болницата во Гевгелија како лекар (иако во тоа време била само студент по медицина), докторска плата, а Управниот одбор дури и решил да ѝ ја даде можноста за која многу вистински дипломирани лекари може само да сонуваат – државна специјализација по анестезиологија и интензивно лекување. Една од најодговорните, најризичните, најтешките и најдефицитарните гранки во државното здравство, со која се успиваат пациентите пред операција или „ѝ се помага на судбината“ за тие да се разбудат од неа.
Следствено за докторката без Медицински факултет, болницата повеќе од 5 години по ред одвојувала високи суми, плаќајќи ѝ ја државната специјализација. Основниот услов да се добие државна специјализација е да се биде дипломиран доктор по медицина со лиценца од Лекарската комора и да се биде во редовен работен однос во јавна здравствена установа. А.A., иако не била дипломиран доктор по медицина, освен што се вработила во болницата во Гевгелија, на крајот на 2016 година, со одлука на Управниот одбор била упатена на државна специјализација. Во болницата прашавме, но не ни ги кажаа имињата на членовите на тогашниот Управен одбор кој ја донел оваа одлука.
А.А. се терети за материјална штета од 120.000 евра кои треба да ги врати на Гевгелиската болница од рок од 6 месеци. Ова е проценетата штета за бесправната исплата на плати за нелегалната „докторка“, за одвоен живот и платена специјализација. Штетата по здравјето на пациентите не е проценета.