Второто фестивалско издание „Вкуси го југот“ во Гевгелија ја донесе музичката елита во градот на југот и вкусовите од гевгелиското поднебје на едно место, за дегустација на гостите и посетителите.
Фестивалот на храната и виното годинава освен 16-те штандови од локалните угостители и производители на земјоделски и овошни преработки од југот донесе и дел од традицијата на гевгелиските домаќинства: печењето на домашна ракија, печењето на јагне, правење пинџур, варењето слатко од смокви.
За да биде забавата приемчива за сите генерации на сцената продефилираа и локални уметници, и аматери, и ученици на школата за тапани, и „калинките“, и локалните Културно-уметнички друштва од Негорци, Миравци, гевгелискиот ансамбл „Бојмија“, градскиот и пошироко познатиот хуморист Дејан Малзарков.
Локалните гевгелиски изведувачи ја имаа честа да настапат на иста сцена на која потоа свои изведби имаа Викторија Лоба, Ристо Самарџиев, Наум Петрески, групата „Паркети“ и многу други уметници. Врв на сценските случувања беше настапот на македонскиот виртуоз на гитара, Влатко Стефановски.
Со звуците на “Калајџиско оро” во изведба на виртуозот на гитара Влатко Стефановски, Ве водиме на малa прошетка низ штандовите и сцената на “Тaste the south”.
Цел викенд Гевгелија беше центар на забавата на југот.
Второто фестивалско издание на “Taste The South- ВКУСИ ГО ЈУГОТ” најавува традиционален тренд на фестивалското музичко-гастрономско случување во септември во Гевгелија.