Седумчлениот состав на групата „Гевгелиски мелос“ синоќа имаше свои минути на концертно претставување на големата фестивалска сцена во Гевгелија, во рамките на манифестацијата „Вкуси го југот“.
Меѓу искусните музичари, инструменталисти се истакна и најмалиот трубач Атанас Гошев кој има само 7 години.
На сцената настапија: Илија Караџов-кларинет, (солист кој извесен период настапувал и бил дел од трубачкиот оркестар на „Џамбо Агушеви“), потоа најмалиот Атанас Гошев – труба, Филип Стојанов – саксафон, Ферди Мемедов – синтисајзер, Јовче Гулев – труба, Ѓорге Златов – саксафон и Митко Гошев – тапан.
Атанас рамо до рамо со своите постари музички колеги изведуваше нумери од различни жанрови: џез, ориентални танци и ора, синтеза од Балканската поп-фолк естрада. Посебен дел во 40 минутната програма пред гевгеличани беше македонскиот мелос, звуците на фолклорот како од гевгелиско, така и од незаборавната македонска фолклорна традиција.
Еве како звучеше нивната проба пред настап.
Еве го жестокиот звук на загреаните трубаџии, саксафонисти, кларинетист на „Гевгелиски мелос“ со колаж од фестивалската атмосфера.
„Врана коња јавам јас“ беше дел од македонскиот мелос на кој реагираше домашната публика. А ние ќе реагираме со честитки за успешниот настап на „Гевгелиски мелос“ и најмладиот трубач Атанас кого синоќа го запозна гевгелиската публика.