Два златни медала за Елена и Сара и титула „Најдобар млад шеф на кујна“ за Елена, ова е жетвата на трофеи што ја реализираа ученичките од Средношколскиуот училишен центар „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија, на престижниот фестивал по гастрономија што се одржа во туристичкиот ресорт „Мамаиа“, близу градот Костанца, Република Романија.
На меѓународниот натпревар “Black sea fish festival” – рибен фестивал и гастрономски натпревар кој се одржа од 13 до 15 септември 2024 година, тимот ученици од секторот Угостителство и туризам од СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија постигнаа забележителен разултат. Сите се стекнаа со Дипломи за учество.
Конкуренцијата беше инспиративна зошто на фестивалот учествуваа повеќе земји со презентации на своите национални кујни, како и приготвување на морска риба во индивидуална категорија на натпреварувачите од 15 до 25 години.
Во конкуренција од околу 90 натпреварувачи од Македонија, Романија, Србија, Турција и Словачка нашите ученички, Елена Тасевска и Сара Андонова под менторство на професорката Марина Калкова освоија златни медали, при што, Елена Тасевска беше прогласена и за севкупен победник на манифестацијата “Black sea fish festival” стекнувајќи се со титулата „The best junior shef“.
Од СОУ „Ј.Јосифовски“ искажуваат голема благодарност до менаџментот на хотел „Фламинго“ – Гевгелија кои помогнаа во остварувањето на целокупната програма на проектот од подготовка до реализација.
– „Соработката со бизнис секторот ја зголемува мотивацијата на нашите ученици за сопствено усовршување и нуди можност за избор на квалитетна идна работна сила која има вештини за специфични работни места. Со ваквиот начин на соработка, училиштето покажува дека учењето преку заедница и учењето преку проекти и работа им помага на учениците да се здобијат со вештини пред да се вработат“ – истакнуваат од училиштето.
Честитки за вредните ЗЛАТНИ ученички, како и за целиот посветен тим од секторот угостителство пру СОУ „Ј.Јосифовски“ Гевгелија.
Фото: Дел од гастрономската понуда на македонскиот тим од Гевгелија